Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, во просториите на Комисијата за заштита на конкуренцијата имаше работен состанок со нејзиниот претседател Владимир Наумовски.

На состанокот се зборувало за ценовните движења во малопродажната мрежа на прехранбените продукти и постоењето можности за присуство на трговски практики, кои, освен што ги нарушуваат слободната пазарна економија и конкуренцијата, носат и директна штета на граѓаните.

Битиќи истакна дека Владата нема да биде нем сведок на нефер или неетички практики во трговијата, кои одат директно на штета на семејниот буџет на граѓаните.

Постојат реални околности, кои укажуваат на вештачко фиксирање на цените на високо ниво како резултат на координирано договарање помеѓу трговците на цените на одредени производи, со што го контролираат и ограничуваат нивното слободно пазарно формирање, а со цел зголемување на нивната добивка. Оваа пракса оди директно на штета на граѓаните и производителите и ова нема да го дозволиме – посочи Битиќи.

Заеднички на состанокот беше констатирано дека е потребно почнување постапки од страна на надлежните институции, вклучително и на Комисијата, а во согласност со законските надлежности, за истражување дали постојат одредени законски повреди и злоупотреби, кои доведуваат до нефер зголемување на крајните цени за потрошувачите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.