Во овој момент немаме направено дополнителни анализи за тоа во која насока треба да одат цените на патарините. Во регионот во некои држави цените на патарините растат, кај нас остануваат исти, рече министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на новинарско прашање дали ќе има поскапување на патарините.
Според него, во овој момент е важно да продолжи изградбата и рехабилитацијата на патната инфраструктура со силна динамика за да го фатиме чекорот со развиените европски земји во делот на патната инфраструктура.
Бочварски рече дека се дава силен придонес преку реализацијата на патната и железничката инфраструктура, нешто што, како што посочи, ќе продолжиме да го работиме и понатаму, но не смееме да ја доведеме во прашање ликвидноста на Јавното претпријатие, но и на буџетските средства за да продолжат да се реализираат со силна динамика патните правци во државата.
Министерот за транспорт потсети дека ценовните шокови направија проблеми во целиот систем на градењето и градежништвото. Тоа, укажа, се почувствува најмногу во изградбата на патната инфраструктура бидејќи во текот на оваа година осцилираат и се покачија енормно цените на градежните материјали, на железото, на асфалтите, на бетоните.
И тоа направи проблем во реализацијата на капиталните проекти но ние во ниту еден момент не запревме ниту еден проект поради овој проблем или растот на цените бидејќи се одржува ликвидност на ЈП за државни патишта. Овде државата и Владата со буџетски средства и секако средствата од меѓународните финансиски институции коишто ги покренуваме и ги добиваме за да реализираме вакви капитални проекти. Сметам дека во овој момент инвестираме многу повеќе во делот на изградбата на патната инфраструктура отколку тоа што го добива ЈП за државни патишта, рече Бочварски, кој на прес-конференција соопшти дека е објавен повик за субвенционирање нови авиолинии.
Тој ги наброја тековните и идните инвестиции и го истакна дека во голем дел се реализираат токму со финансиите од наплатата на патната такса. Инвестицијата во автопатската делница на Коридорот 8 од Кичево до Охрид изнесува 600 милини евра, на експресниот пат Градско кон Прилеп над 50 милиони евра, на патниот правец на превојот Плетвар којшто е завршен е над 5 милиони евра, а 66 милиони евра на експресниот пат Штип Радовиш којшто исто така заврши годинава. Ја посочи и инвестицијата во експресниот пат од Штип до Кочани којшто треба до биде пуштен до крајот на годината.
Планот за наредната година е да отвориме градба, доколку се склучи договор со компанијата Бехтел, на преку 120 километри нови автопатишта. Тоа значи дека државата мора да ја следи динамиката на изградбата на патната инфраструктура за да можеме и во регионот да бидеме најдобри во патната инфраструктура бидејќи во нашиот дел се вкрстуваат двата значајни патни коридори, Коридорот 10 и Коридорот 8. Веќе добивме поддршка од ЕУ за Коридорот 8 кој пред само неколку недели беше внесен во мапата на главните коридори, а претходно беше само на мапата на споредните коридори, рече Бочварски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.