Заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, денеска се обрати на настанот на првата трговска мисија на компании од Република Грција во Република Македонија, во организација на Американската Стопанска Комора во Македонија и Американско-грчката стопанска комора.

На настанот, покрај вицепремиерот Битиќи, се обратија и амбасадорката на Соединетите Американски Држави во нашата зема Кејт Мари Брнз, и Дејвид Бургер, заменик шеф на мисијата во Амбасадата на САД во Република Грција.

Првата трговска мисија на компании од Република Грција во Република Македонија, во организација на Американската Стопанска Комора во Македонија и Американско-грчката стопанска комора собра повеќе од 30 компании и од двете земји кои имаа пред кои беа презентирани можностите за соработка и проширување на нивните потенцијали за развој врз основа на погодностите за инвестирање кои ги нуди нашата земја, преку различните програми за државна помош и преку Законот за стратешки инвестиции.

Во продолжение на ова соопштение, ви го пренесуваме обраќањето на Заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, во целост:

Почитувани екселенции, драги гости од Грција,

Почитувани претставници од бизнис секторот,

Кога ќе погледнам околу оваа маса, се чувствувам благодарен, знаејќи дека седам меѓу пријатели.

Ми претставува голема радост кога гледам што може да направи конструктивниот и отворен дијалог! Прво доведе до Договорот од Преспа пред неколку години, а денес не зближува сите заедно во оваа трговска мисија. Тоа е моќта на отвореноста и взаемното почитување – тоа може да донесе само перспектива и заеднички раст.

Огромна благодарност и честитки до Американските комори на двете земји за организирањето на оваа прва трговска мисија и за создавањето на овој простор каде што можеме да зборуваме за можностите и потенцијалот за инвестирање во нашата земја, но и да споделиме идеи за тоа како можеме да растеме заедно како регион.

Ви благодариме што бевте амбасадори и што го ширите добриот збор за потенцијалот за инвестирање во Македонија, како и што ги изложивте нашите достигнувања, проекти и идни планови и во јавниот и во приватниот сектор.

Во изминатите години сме сведоци на целосниот потенцијал на пријателствата и како тоа може да биде од корист за сите кога добрите намери и разбирањето се ставени пред несогласувањата.

Додека гледаме раст на економската соработка меѓу двете земји, уверен сум дека има многу потенцијал за дополнително проширување и се надевам дека денеска ќе ги отвориме вратите преку споделување идеи и можности за инвестирање.

Оваа Влада гледа на бизнис секторот и на инвеститорите во нашата земја како на партнери. Градиме силни и искрени односи и тоа носи резултати.

Пред неколку години ги избришавме разликите меѓу домашните и странските компании. Сите компании кои работат во нашата земја добиваат исти можности. Да се аплицира и да се добие државна помош е процес кој е целосно отворен и транспарентен. Секоја компанија, секоја засегната страна е однапред свесна за поддршката што може да ја очекува при инвестицијата. Ова создава предвидливост и стабилност за водење бизнис во нашата земја и што е најважно, создава добра бизнис клима за инвеститорите, што ги поместува нашите граници и ја става Македонија на мапата на земји со најатрактивна средина за инвеститори.

Фокусирани сме на преобликување на нашата економија преку донесување на повисоко платени работни места и производство на производи со повисока додадена вредност, со поддршка до 50% од вкупните инвестициски трошоци за центрите за истражување и развој на компанијата како дополнување на веќе одобрените 50% поддршка на инвестицијата во производство. Пакетите за поддршка вклучуваат 10-годишно даночно ослободување на корпоративниот и персоналниот данок на доход. На страната на готовинскиот грант обезбедуваме 20% поврат на капиталните инвестиции како и грант за секое отворено работно место.

Пред пандемијата го креиравме „Законот за стратешки инвестиции“ кој ги регулира критериумите, условите и постапката за аплицирање, утврдување статус, избор, подготовка и реализација на инвестициски проекти од највисок стратешки приоритет за државата или Стратешки инвестициски проекти. Овој закон има за цел да овозможи амбиент за големи инвестиции во нашата земја врз основа на принципите на слободно движење на стоки, услуги и капитал, слободна конкуренција и еднаков третман, недискриминација и транспарентност.

Владата на Република Македонија ги има сите свои намери насочени кон интеграција и градење партнерства. Ние сме официјална членка на НАТО и посветени сме на нашата интеграција во Европската Унија.

Додека работиме на остварување на оваа цел, ние постојано ги подобруваме нашите домашни регулативи и политики за да бидеме подготвени и да ги исполнуваме европските стандарди  за да овозможиме добра деловна клима во нашата земја додека работиме на зајакнување на нашата домашна економија, така што кога ќе се отворат вратите на ЕУ, нашата економија ќе бидат подготвена.

Бидејќи сме на прагот на Европската унија, нудиме единствена можност за пласирање на пазарот, како и силни синџири на снабдување кои можат да се шират низ регионот на Западен Балкан.

Мојата надеж и визија за нашиот регион во овој пост Ковид период лежи во капитализирање на целосниот потенцијал на хармонизирање на економиите со соседните земји (Near-shoring) што се покажа како неопходност за време на пандемијата. Кога далечните меѓународните добавувачи не успеаја да испорачаат, она што стана очигледно повеќе од кога било се можностите им потенцијалот на регионалните синџири на вредности кои можат да генерираат економска стабилност и раст за сите.

Ви благодариме повторно што сте тука денес.

Заедно можеме да создадеме визија и да направиме просперитетна и одржлива иднина за нашиот регион и нашите граѓани.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.