Потпретседателот на СДСМ Фатимир Битиќи за „Утрински брифинг“, го поздрави вчерашниот успех на сите социјални партнери преку дијалог, кој за прв пат се случува во нашата држава да се стигне до минимална плата од 18.000 денари, како и креирањето методологија за усогласување на минималната плата, според која минималната плата никогаш нема да биде помала од 57% од просечната плата.
Најголем успех е дијалогот, во 2017 година заврши ерата на еднострани решенија, влезени сме во демократско општество, во процеси каде само дијалогот дава решенија кои што се прифатливи за секоја една страна, порача Битиќи.
Тој потенцираше дека минималната плата никогаш повеќе нема да се врати на ниво од 9.000 денари, колку што беше во 2016 година.
Ние никогаш нема да се вратиме на тоа ниво од 2016 година, кога минималната плата имаше удел од 38% од просечната плата. Поставувањето на прагот на уделот на минималната плата во просечната од 58% на секој работник му гарантира дека минималната плата нема да падне, истакна Битиќи.
Тој нагласи дека со ова се креира механизам за извлекување од прагот на сиромаштија на граѓаните, кои примаат минимална плата, а беа оставени така наназад со години, додавајќи дека само со усогласување, според проекциите, минималната плата до 2026 година ќе изнесува 22.000 денари.
Мораме да креираме правични и праведни решенија, мораме да се бориме овие луѓе еднаш засекогаш да ги извлечеме од прагот на сиромаштија и да добиваат достоинствени плати, рече Битиќи.
Во врска со најавите на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе поднесат амандмани за платите во јавниот сектор, Битиќи порача дека тоа е веќа содржано, да не се грижат од ВМРО-ДПМНЕ за усогласување на платите, сите плати треба да се усогласат, бидејќи законите се носат да обезбедат правичност и праведност.
Убаво ќе беше пред една година да го изгласаат законот за наставници и стручни соработници, во кој е инкорпорирано усогласување на платите и затоа што е закочен од нивните пратеници, вработените во овој сектор не земаат зголемени плати, нагласи Битиќи.
За критиките на опозицијата дека зголемувањето на минималната плата ќе им нанесе штета на компаниите Битиќи рече дека токму за да не биде целиот терет на работодавачите државата излегува со помош за микро и малите компании.
Лесно е да зборувате, ако не сте на место на 78.646 сограѓани кои примаат минимална плата од 15.000 денари, и да најавувате крај на економијата, но анализите не го покажуваат тоа, порача потпретседателот на СДСМ Фатимир Битиќи за „Утрински брифинг“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.