Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економски ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, го отвори третиот панел насловен „Инвестиции и економски раст во услови на кризи“ кој се одржа во рамките на годишната владина конференција „Година на нови можности“.

Вицепремиерот Битиќи во првиот дел говореше за клучните економски промени и предизвици со кои се соочи и ги презема оваа Влада.

Еден од клучните предизвици со кој се зафативме и на кој работиме е рестуктурирањето на нашата економија. Во 2018 година беше одобрен планот за економски раст којшто е првата мерка коишто ние како Влада ја поставивме со среднорочна развојна компонентна и којашто секако влијае на менување на реструктуирање на нашата економија. За прв пат тогаш почнавме наместо поддршка на инвестициите и само на странските инвестиции да ги поддржуваме сите видови на инвестиции без разлика дали се тие домашни или странски и можам со гордост да кажам денеска дека навистина имаме што да покажаме како исход на оваа променета политика. Ова покажува дека Владата не е фокусирана само во еден од параметрите во економијата, а тоа е растот на БДП како макроекономска категорија, туку клучно е дали се поддржуваат компаниите, бизнисот, дали бизнисот е спремен да одговори на предизвиците за да го донесе толку посакуваниот раст и развој. Сметам дека особено поддршката во производствениот сектор којшто изминатите пет години го имаме направено значително ја има променето целата структура, истакна Битиќи.

Системската работа, рече вицепремиерот влијае и на рамномерниот регионален развој наспроти креирање на економски кои го продлабочуваат јазот во регионите.

Вицепремиерот во своето обраќање се осврна и на странските директни инвестиции.

Минатата година, според Централната банка имавме 560 милиони евра странски инвестиции и тоа што ме радува е тоа што за тоа користиме нула средства на нашите граѓани за да се промовираме. Има една изрека на англиски, „најдобриот начин за да промовираш и да ги поттикнеш компаниите да инвестираат е добриот збор од уста. Тоа е тоа што го правиме, истакна Битиќи.

На дел од панелот беа и Кире Наумов, директор на Развојна банка на Македонија, Таки Фити, Академик – МАНУ, Илија Господинов од МАСИТ како претставник на Платформата за јавно приватен дијалог, и Бранко Азески потпретседател на Коморско инвестицискиот форум на Западен Балкан, кој се обрати на конференцијата преку видео обраќање.

Во своето видео обраќање тој потенцираше дека формалната соработка помеѓу јавниот и приватниот сектор е во добра корелација но дека суштински може да се подобри. Тој истакна дека е важно да продолжат реформските процеси како и зголемуњето на регионалната конкурентност, развојот на производството со додадена вредност како и зголемување на квотите за увоз на работна сила.

Согласни сме со ставот на Владата за зголемување на квотите за увоз на работна сила, секако имајќи ги предвид националните интереси но и интересите на бизнис секторот и неговиот развој. На 100 годишнината од постоењето на Стопанската комора на Македонија, донесовме еден суштински документ, тоа е декларацијата за Општествен консензус за економските политики и мерки во наредниот период кој се совпаѓа со Националната развојна стратегија и ќе направиме сè за заедно со Владата да ги усогласиме тие два документи да станат окосница за нашето работење и утврдување на нашите приоритети, истакна Азески.

Во своето обраќање академикот Таки Фити се осврна на Националната развојна стратегија, инклузивниот процес на нејзиното креирање и значење.

Ова е многу значаен, визионерски стратегиски документ за основните развојни правци, предизвици и визии на Република Македонија во сите сфери на општественото живеење. Пристапот мора да биде научен и објективен и да се постигне широк консензус од сите релевантни чинители во Македонија, рече академик Фити.

Тој додаде дека кога МАНУ се вклучила во составувањето на Стратегијата во 2022 година вршела ревизија во студиите, преку актуелизација на податоците.

Извршниот директор на Развојната банка на Република Македонија, Кире Наумов зборуваше за важноста на Развојната Банка како финансиска поддршка на развојот.

За три години пласиравме речиси 300 милиони евра за поддршка на 7.500 проекти. Само во 2022 година пласирани се средства во износ од 107 милиони евра. Пласманите на кредитите се во различни дејности. НОколу 40% се за поддршка на микро, мали и средни компании во производствената дејност. Кредитните линии беа насочени кон поддржување на ликвидноста на компаниите, инвестиции во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, зачувување и отворање на нови работни места, со што во изминатите три години, се зачуваа околу 40.800 и се отворија околу 1.500 нови работни места.

На оваа тема се осврна и вицепремиерот Битиќи кој потенцираше дека Владата умешно успеа во период на криза Развојната Банка да ја направи најдобрата алатка во финансискиот систем, која воведе нови механизми и инструменти кои би требало да го поддржуваат развојот на нашата земја.

Не само што ја докапитализиравме Развојната банка, туку тие успешно и умешно креираа механизми заедно со Владата во кој ги пилотираа и беа пионери во финансискиот пазар во нашата земја. Во секоја развиена земја токму развојната банка ја има таа улога и сум горд дека и во период на криза тоа го направивме и сметам дека имаме партнер кој го немавме пред пет години, потенцираше Битиќи.

Илија Господинов, претседател на управниот одбор на МАСИТ, како претставник на Платформата за јавно приватен дијалот се осврна на напорите на владата во однос на подобрување на продуктивноста на нашите работници, која секако треба да биде основа за зголемување на аутпутот на бизнисите, и секако на крај на денот да резултира со повисоки плати и повисок стандард за работниците.

Со луѓето кои ги имаме, добро образовани и добро тренирани можеме да постигнеме одлични резултати и веќе ги постигнуваме. Кога зборуваме за продуктивноста мораме двострано да ја гледаме. Продуктивноста на страна на приватниот сектор се покажува со обезбедување на добри услови, продуктивноста на страна на државата мора да биде фокусирана кон темелите за сè да може да расте. А темелите се инфраструктура и образование. Со што ќе се потрудиме да имаме национален пристап за задржување на добрите кадри во земјата, истакна Господинов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.