Домаќинствата за 14% ја намалиле вкупната потрошувачката на електрична енергија во јануари, покажуваат податоците со кои Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република  Македонија располага, а се од Електродистрибуција. Согласно информациите, вкупната потрошувачка на домаќинствата во јануари годинава изнесувала над 349 GWh (349.830.666 kWh), додека истиот месец минатата година била потрошена поголема количина на електрична енергија и истата изнесувала 408 GWh, известува РКЕ.

Од јануари од како на сила е новата цена на електрична енергија која за 99,2 % од домаќинствата е пониска, продолжува трендот на рационално користење на електрична енергија. Секој месец ги анализираме податоците и ги мериме ефектите од блок тарифите. Во прилог се и временските услови, но факт е дека домаќинствата рационално ја користат електричната енергија, па така во јануари потрошувачката на домаќинствата е намалена за 14 %, споредбено со истиот период од минатата година – изјави Марко Бислимоски, претседател на регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

РКЕ од 1 јануари донесе одлука со која за 20,15 % се намали цената на електричната енергија за над 70 илјади мали фирми кои се на регулираниот пазар, додека цената за домаќинствата за првиот блок се намалува за 4,11 %.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.