Зелената транзиција, енергетската ефикасност, зајакнувањето на човечкиот капитал како главни приоритети во следната тригодишна Програма на економски реформи, како и инвестициите поддржани со Интервентниот инвестициски план и можноста за нивно финансирање со поддршка од ЕУ, беа темите за коишто во Брисел разговараа министерот за финансии Фатмир Бесими и еврокомесарот за буџет и администрација Јоханес Хан.
Како што соопштија од министерството за финансии, Бесими потенцирал дека Програмата на економски реформи е испратена до Европската Комисија и оти приоритетите и мерките вклучени во неа се во линија со приоритетите и препораките на ЕК за земјата.
Поддршката што ја добиваме од ЕУ ќе ни помогне во побрзо опоравување од пандемијата која остави ефекти од невидени размени во економиите во светот. Притоа, инвестициските грантови, ќе помогнат во реализација на Интервентниот инвестициски план – истакнал министерот Бесими.
Тој посочил дека за да се искористат бенефитите од инвестициите поддржани со Интервентниот инвестициски план (ИИП) и за да може да се испорача одржлив економски раст, потребно е да се имплементираат реформите коишто заеднички се договорени во рамки на економскиот и финансискиот дијалог со ЕУ во рамки на Програмата на економски реформи.
Уште повеќе, Програмата на економски реформи треба да биде насока за одлуките за инвестиции опфатени со ИИП, како и за внимателно планирање и приоритизација на ресурсите – нагласил Бесими.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.