Издавањето на граѓанската обврзница, како нов инструмент на пазарот, ќе даде можност на граѓаните да ги инвестираат своите пари и за тоа да добијат добри и безбедни приноси, вели министерот за финансии Фатмир Бесими.
„Воведувањето на граѓанската обврзница како инструмент на финансискиот пазар има повеќе придобивки. Првата е што граѓаните ќе имаат можност да ги инвестираат своите заштеди во хартии од вредност кои се прилично безризични, носат принос и ја штитат нивната вредност поради инфлацијата. Второ е што со нивното издавање ќе се влијае на развој на пазарот на капитал и ќе се воспостави пракса и граѓаните да се вклучат во тој сегмент. И трето, од кое очекуваме ефекти понатаму, а тоа е да влијае на намалување на готовината во оптек и намалување на сивата економија“, истакна министерот Бесими во гостување во емисијата „Вин Вин“ на ТВ Телма.
Станува збор за инструмент кој има равојна компонента, бидејќи средствата што ќе се обезбедат од овие инструменти на пазарот на капитал ќе се инвестираат во проекти кои се планирани со Буџетот. Односно тие се веќе планирани во буџетскиот дефицит, а кој во оваа година е во целост насочен кон капитални расходи.
Министерот посочи дека како што е веќе најавено износот на една обврзница ќе биде 10.000 денари, а каматата ќе биде пониска од онаа што е постигната за еврообврзницата, а повисока од каматата на депозитите.
Оцени дека воведувањето на овој инструмент нема да има негативно влијание врз депозитите во банките, бидејќи сумата што е планирана од 50 милиони евра е само 1 % од депозитите во банките.
Во интервјуто се осврна на политиките што се преземаат за справување со кризата и намалување на инфлацијата. При тоа потенцира дека фискалната и монетарната политика се во постојана координација и дека фискалната политика помага на монетарната во нејзините напори за справување со инфалцијата.
„Оваа година предвидени се 225 милиони евра во Буџетот за справување со енергетската криза. Досега, односно во текот на 2021, 2022 и од почетокот на годинава од Буџетот се дадени 320 милиони евра за да се обезбеди субвенционирана цена на електричната енергија за домаќинствата и компаниите на регулираниот пазар. Покрај тиe близу 70 милиони евра се приходите од кои се откажала државата со мерката за намалување на ДДВ на електричната енергија за домаќинствата на 5% и 10 % од 2021 година до крајот на јуни 2023 година. Тоа се значи директни субвенции за граѓаните од околу 400 милиони евра,“, рече министерот Бесими и додаде дека тоа се средства обезбедени од даноците на граѓаните, како и од грантот на ЕУ.
Тој истакна дека Владата секогаш има слух и дека се гледаат сите опции за граѓаните да го амортизираат трошокот на цените на електричната енергија и дека тој процес ќе продолжи и во оваа година и ќе се најде начин тоа да биде најприфатливо за граѓаните.
Министерот Бесими во врска со изградбата на Коридорот 8 и 10 д, упати на тоа дека станува збор за стратешки проект и дека начинот кој е избран да се реализира е со цел тој да се реализира во пократок рок и дека се прават напори да се направи финансирањето на најоптимален начин. Најави дека интерес за финансирање на проектот има изразено од американската Ексим банка, како и од банката на Велика Британија и други конзорциуми.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.