Министерот за економија Крешник Бектеши денеска побара поддршка од поглаварот на Исламската верска заедница (ИЗВ), реисот Шаќир Фетаху за почитување на мерките за штедење на струја од страна на ИВЗ и нејзините верници. Тој најави дека ќе разговара и со Македонската православна црква за поддршка во активностите за справување со енергетската криза. Целта е да се намали потрошувачката и да се ослободат повеќе количества на струја за индустријата.
Голема поддршка ќе биде секоја порака што ќе излезе од страна на ИВЗ, а тоа ќе се сподели преку џамиите до сите верници, било да се тоа Албанци, Турци… Тоа е многу важно заради тоа што секое штедење го помага семејниот буџет, воедно ги помага и институциите во делот да се намалат трошоците, а и потребите во делот на потрошувачката заради тоа што имаме одредена потрошувачка која е на регулиран, а другата на слободниот пазар, за да се ослободат количества со кои може да се помогне на индустријата која креира работни места и на таков начин приходите во нашите семејства да не се скратат, рече Бектеши.
Фетаху од своја страна апелираше до сите граѓани во овие тешки моменти да бидат свесни за улогата и придонесот што може да го имаат. Тој најави дека веднаш ќе преземат мерки како да ја рационализираат потрошувачката на струја, иако, како што нагласи, внимаваат во тој дел.
Како што информираше Бектеши, неговиот тим денеска разговара со МПЦ за да е одреди термин за средба на оваа тема, а очекува таа да се реализира неделава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.