“Булмак 2016”, како носител на концесии за експлоатација на металични руди од “Злетово” – Пробиштип и “Тораница” – Крива Паланка до овој момент работи непречено, но под вонредни мерки кои се преземени за да се ублажат секојдневните удари од кризата со енергенси и војната во Украина, информираше управителот на компанијата Гоце Мојсоски при денешната посета на делегацијата на Стопанската комора предводена од претседателот Бранко Азески.
На работниот состанок од страна на претседателот на Комората беше потенцирано дека рударството е една од гранките кои што може да донесе додадена вредност и затоа Комората ќе го отвори прашањето за реорганизација на надлежните институции за овој сектор.
„За да се подигне нивото и значење на рударскиот сектор, потребно е формирање на ново министерство за рударство и енергетика, да се изготви долго очекуваната стратегија за развој на рударството, како и преиспитување на законската регулатива која ги уредува издавањето на дозволите за геолошки истражувања и експлоатација на минерални суровини”, потенцираше Азески.
Од страна на управителот на рудниците Мојсоски беше нагласено дека во двата рудника работат 800 лица и во овој период целокупниот човечки потенцијал е максимално фокусиран во изнаоѓање решенија за рационализација на трошоците.
„Во континуитет ги следиме настаните и трендовите од кои ни зависи деловната активност и следствено на анализите кои ги правиме и од добиените резултати , креираме соодветни деловни политики за ублажување на штетите. Во таа смисла, секако дека очекуваме и националните органи и институции, во нивниот домен, да ја вршат улогата на креатори на национални политики и стратегии со кои на директен начин ќе биде поддржана гранката рударство која преставува еден од поголемите извори на приходи во државниот буџет”, информираше Мојсоски.
Тој нагласи дека информациите и укажувањата од Комората се секогаш добредојдени, посебно во вакви специфични и екстремно сложни услови за работа и од таа гледна точка ги охрабрува сите нејзини чинители и авторитети уште поинтензивно да ја продолжат таа деловна мисија.
Компанијата „Булмак 2016″ е меѓу 10-те најголеми потрошувачи на електрична енергија, кои се наоѓаат на слободниот пазар и кои учествуваат со 20 % во вкупната потрошувачка на енергија
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.