Геополитичките случувања, вклучително и руско-украинските тензии може неповолно да се одразат врз динамиката на заздравувањето на глобалната економија, како и на глобалните пазари на примарни производи. Директната изложеност на нашата кон руската и украинската економија е мала и оттаму не се очекуваат позначителни директни ефекти. Сепак, доколку дојде до забавување на глобалниот раст, а особено растот на ЕУ, како наш најзначаен трговски партнер, тоа може да има одредено неповолно влијание и на динамиката на растот на домашната економија.

Ова го посочила гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на конференцијата од високо ниво, насловена „Пост ковид-19 и скорешните геополитички тензии: која е новата реалност за макроекономијата и пазарите на недвижности“. Конференцијата е во организација на централната банка на Белгија.

Трговијата со Русија и Украина учествува со само 2 отсто во вкупната трговска размена на нашата земја. Финансиската изложеност е многу мала, додека странските директни инвестиции од овие економии изнесуваат само 0,5 отсто во вкупните и не се присутни во финансискиот сектор. Само 0,1 отсто од дознаките доаѓаат од Русија и Украина. Сепак, можни се и индиректните ефекти. Русија е меѓу најголемите извозници на енергија и метали во светот, додека Украина меѓу најголемите извозници на жито – истакнала Ангеловска-Бежоска.

На конференцијата било посочено и дека по остриот пад за време на пандемијата, економиите од Западен Балкан постепено се опоравуваат. Сепак, динамиката од економија до економија варира и се движи од 3 до 7 отсто раст на БДП за минатата година.

Најголем дел од економиите, вклучувајќи ја и нашата земја, сеуште го немаат достигнато предкризното ниво, што во најголем дел се должи на поспорото закрепнување на инвестициите. Динамиката на заздравување на економиите во голема мера ќе зависи од пандемијата, енергетската криза, геополитичките тензии и евентуално побрзо затегнување на условите на меѓународните финансиски пазари, се вели во соопштението од Народната банка.

Во него се додава дека на панелот на конференцијата од висок профил, покрај гувернернерката на Народната банка, учествувале и гувернерите на централните банки на Белгија, Хрватска, Израел, Грузија и вицегувернер на централната банка на Украина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.