Речиси 60 илјади луѓе се евакуирани од нивните домови во кинеската провинција Гуангдонг откако неколкудневните обилни врнежи од дожд предизвикаа големи поплави во најнаселената провинција во оваа земја, пренесува Би-би-си.
Единаесет лица, според британскиот национален сервис, се водат како исчезнати, а досега нема информации за жртви.
На снимките што ги пренесуваат кинеските државни медиуми, како и оние на социјалните мрежи се гледаат големи површини под вода и спасувачи како со чамци пренесуваат луѓе.
Неколку големи реки се излеани од коритата, а кинеските власти, според извештаите, внимателно го следат, како што се наведува, високиот водостој на реките.
Властите предупредуваат дека нивото на една од реките во северниот дел на Гуангдонг би можела да го достигне својот врв, што се случува еднаш во 100 години. Тоа, се наведува, може да се случи до денеска претпладне.
Имено, голем дел од оваа провинција лежи во ниската делта на реката Перл, која е подложна на поплави поради излевања кај нејзиниот слив, пораст на морското ниво и морски бури.
Делтата на оваа река е една од главните производствени бази на Кина и еден од најгусто населените региони во земјата, во кој само Гуангдонг е дом на околу 127 милиони луѓе.
Главниот град на провинцијата Гуанџу, како и помалите градови Шаогуан и Хејуан се меѓу најтешко погодените од поплавите, пренесува Би-би-си.
Поради обилните врнежи од дожд и поплавите, околу 1,16 милиони домаќинства во текот на викендот останале без струја. По интеренцијата на надлежните служби снабдувањето со електрична енергија е повторно воспоставено за околу 80 отсто од засегнатите домаќинства.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.