Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) бара од Лекарската комора на Република Македонија да го истражи случајот со директорката на ЈЗУ Клиника за педијатрија Аспазија Софијанова која рекламирала суплементи на одреден производител на телевизија. ДКСК, која е ненадлежна да постапува по предметот, ќе ја достави пријавата до Лекарската комора и ќе бара да биде известена за тоа што е преземено по оваа пријава.
При разгледување на предметните наоди цениме дека во постапувањето на наведеното службено лице треба да се земат предвид начелата утврдени во Законот за спречување на корупција и судир на интереси, особено начелото на интегритет од член 4, став 2 според кој службеното лице во извршувањето на јавните овластувања и должности е должен да ги почитува начелата на законите особено во конкретниов случај етичките норми и професионалните стандарди, рече Владимир Георгиев, член на ДКСК.
Образложувајќи го предметот, истакна дека во Кодексот за медицинската деонтологија по членот 87, став 1 се вели дека вршењето на пропаганда на разни санаториуми, институти , клиники, за фармацевтската индустрија, козметика или за одделни здравствени работници не е во согласност со професијата лекар и оти таквите стручни известувања може да се објавуваат само во строго стручни или тесно специјализирани гласила.
Во ставот 3 се вели дека морално етички не е дозволено лекарот да ги става својата професија и професионалните контакти во функција на граѓанска афирмација и други активности. Во членот 18, став 4 од Кодексот за медицинската деонтологија се вели дека лекарот не смее исто така да се здобива со корист од награда или за пропагирање на фармацевтска, козметичка или други производи од овие области, појасни Георгиев.
Согласно ова, како што посочи, сметаат дека немаат надлежност да постапуваат, бидејќи не се работи за прекршување на членовите од Законот за корупција.
Дефинитивно сметаме дека овој предмет треба да се достави на надлежно постапување на Лекарската комора на РСМ, имајќи предвид дека единствена надлежност е токму да се грижи и да го следи и надгледува спроведувањето на правилата на медицинската етика и деонтологија и да презема мерки во случај на нивно прершување, рече Георгиев.
Членот на ДКСК Софка Пејовска Дојчиновска дополни дека Лекарската комора покрај директни вакви предмети како дојава, треба да води грижа за севкупното однесување на лекарите во однос на оваа појава – рекламирање лекови, суплементи, храна за деца итн.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.