Министерството за правда преку писмено соопштение утрово информира за синоќешното бегство на осуденик од комбе на затворот „Идризово“ во кое е ранет припадник на затворската полиција и најави дека Управата за извршување санкции, која е под надлежност на Министерството, ќе ги испитува пропустите што довеле до настанот, како и дали постои одговорност за организацијата на спроведувањето на затвореникот.
Според соопштението на Правда, синоќа во 23:20 часот, додека припадници на затворската полиција со службеното возило на КПУ „Идризово“ го спроведувале 36-годишниот затвореник со иницијали Б.М. од затворот во Ургентниот центар „Мајка Тереза“, заради укажување на лекарска помош поради повреда на десната рака, кај бензинската пумпа на „Лукоил“ на автопатот кон Скопје, биле пресретнати од возило марка „ауди“ со сива боја, кое им го блокирало патот.
Затвореникот во тој момент му го одзел пиштолот од футролата на затворскиот полицаец И.Х. кој го управувал комбето, пукал во него и го ранил во долниот дел на стомакот.
Поради повредата, возачот го запрел возилото, а осуденото лице се дало во бегство со патничкото возило `ауди,се наведува во соопштението од Министерството за правда.
Вработените во затворската полиција случајот го пријавиле во Секторот за внатрешни работи Скопје, а ранетиот затворски полицаец бил префрлен во болница на натамошно лекување.
По избеганиот затвореник, како што информираат оттаму, веднаш е издадена централна потерница, а со учесниците во настанот, односно со припадниците на затворската полиција биле извршени разговори од страна на надлежните на МВР.
Сега, како што се наведува и во соопштението од Правда, Управата за извршување на санкции ќе треба да одговори на прашањата што се наметнуваат во врска со филмското бегство на затвореникот, а се однесуваат на почитувањето на протоколите за спровод на осудено лице.
Она што дополнително им дава тежина на ваквите прашања е што станува збор за затвореник, кој издржувал затворска казна од 21 година, за убиство и за трговија со дрога.
Она што досега е утврдено, а е дел од пропустите што треба да се испитуваат и за кои ќе се утврдува евентуална одговорност, е дека не била обезбедена полициска асистенција за спровод на осуденикот во болница.
Управата за извршување санкции ќе направи вонреден надзор во КПУ ‘Идризово’ и за сите утврдени неправилности ќе преземе соодветни мерки со цел да се утврди зошто не била обезбедена полициска асистенција за спровод до болница. Воедно, ќе се утврдува дали постои одговорност за организацијата на спроведувањето на осуденикот, како и за пропустите што довеле до ваква разврска на целиот настан, велат од Правда.
Според Министерството, односно Управата за извршување санкции, затвореникот Б.М. бил осуден на вкупна казна од 21 година затвор, од кои 19 за убиство и две за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Казната ја издржувал од 28 декември 2020 година, а му истекува на 17 април 2040 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.