Во Основниот кривичен суд Скопје денеска се сослушуваат сведоци кои го изготвија сообраќајното супервештачење за автобуската несреќа кај Ласкарци, во која загинаа 16 лица и околу 30 беа повредени.

Јавниот обвинител, Дарко Јакимовски, го испрашуваше вештото лице Јакуп Мамути во однос на супервештачењето, за кое, вештото лице изјави дека го работеле помалку од една година.

Се сослушуваат сведоци кои го изготвија сообраќајното супервештачење за Ласкарци. На денот кога го посетивме местото каде што се наоѓа автобусот, за нас, тука немаше многу потребни елементи и важни околности во врска со сообраќајното вештачење. А на денот кога го посетивме местото на незгодата, извршивме од поширока зона увид на местото на незгодата. Направивме некои мерења што беа потребни за изработка на сообраќајно вештачење и некои други ситни работи, рече вештакот.

Прашан кои лица биле присутни за време на овие активности, тој одговори дека не биле сите, мислејќи и на сообраќајците и на машинците, дополнувајќи дека често пати оделе таму и сами на своја иницијатива.

Јакупи изјави дека од колегите што го изготвиле машинското супервештачење дознале дека автобусот не е причинител на незгодата и не одговори конкретно на прашањето дали има некакви траги дека немало активирање на системот за кочење на автобусот.

Останати вешти лица од тимот што го изготви сообраќајното супервештачење се Љупчо Постолов и Незат Зеќир, а судењето продолжува по паузата, во 13 часот.

Супервештачењето што Судот го нарача во декември 2021 година беше одбиено од факултетите од државава, со објаснување дека нивните вешти лица веќе учествувале во претходното вештачење или не се компетентни за истото. Откако факултетите одбија, предметот беше испратен во Бирото за судски вештачења, кое има можност да формира тим од лиценцирани вешти лица кои ќе направат супервештачење. Супервештачењето пристигна во Кривичен во декември. Потоа настапи формално отпочнување на процесот по кое се започна со сослушување на вештите лица кои го изготвија машинското супервештачење, кое, според вештаците утврдило дека автобуската несреќа не е од машинска природа.

Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Додека, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.

Судскиот процес за несреќата што започна во септември 2019 година го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител, Дарко Јакимовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.