Основното јавно обвинителство – Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица, на возраст од 24 и 22 години, за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело „тешки дела против општата сигурност, при што со пожар предизвикале значителна опасност за животот или телото на луѓето“.

Двајцата осомничени соизвршители, на 9 март, со пожар предизвикале значителна опасност за животот или телото на луѓето. Првиот осомничен повикал такси возило во Ѓорче Петров и влегол на совозачкото седиште, носејќи со себе пластична туба со жолта течност. На таксистот му кажал да вози до улицата „Козле“, каде во возилото се качил вториот осомничен. По пат двајцата се договарале за начинот на кој ќе го извршат кривичното дело. Од такси возилото се симнале на булеварот „Партизански одреди“ и продолжиле да се движат пеш, стои во соопштението од ЈО.

Дополнуваат дека кога пристигнале на улицата „Мексичка“, двајцата осомничени со течноста полеале паркиран автомобил Ауди Q5 и го запалиле. Пламенот се проширил, па освен автомобилот Ауди, целосно изгорел и автомобил Фолксваген пасат, додека делумно биле зафатени и оштетени уште два други автомобили и еден објект. Со тоа осомничените предизвикале поголема имотна штета.

Како што информираат од ЈО, со кривичната пријава за истиот настан било опфатено уште едно лице за кое надлежниот јавен обвинител донел Решение за отфрлање на пријавата, бидејќи за него не се утврдени елементи на кривично дело кое се гони по службена должност.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени, бидејќи постојат околности кои упатуваат дека би можеле да се дадат во бегство, да влијаат врз сведоците или да го повторат делото. Судијата го прифати предлогот и на осомничените им определи притвор во траење од по 30 дена, наведуваат од ЈО.

Осомничените се товарат за кривично дело од член 292 став 1 во врска со член 288 став 1 и во врска со член 22 од Кривичниот законик.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.