Тензично помина уште едно рочиште за случајот „Ласкарци“. Викање, дофрлање зборови меѓу обвинетите и оштетените, групно одговарање на прашања, обвинувања. Ваква беше атмосферата на судењето додека на пултот требаше да сведочи вештакот Зекирија Зеќири од Бирото за судски вештачења, кој неколкупати не се јави на покана на судиите. На рочиштето обвинетите, односно адвокатите, реагираа дека добивале закани од родителите и роднините на загинатите и повредените. Тоа беше негирано од Синиша Ристевски, брат на една од жртвите во сообраќајната несреќа кај Ласкарци.

„Секогаш кога адвокатите на обвинетите ќе почувствуваат дека нивните вештаци немаат одговори и не знаат да одговорат – тогаш некој од нив предизвикува тензија за да дојде до прекин на судскиот процес. Таа тензија, како што можевте да видите на последното рочиште денеска, е со повишување глас, оркестрирано и групно уфрлање на сите адвокати на обвинетите со цел да го деконцентрираат јавниот обвинител и да се создаде дополнителна нервоза, која е квалификувана дека ние сме тие што се закануваме, правиме тензии и води кон прекин на судскиот процес. Ова во изминатите пет години и над 120 одржани судски рочишта е редовна појава од нивна страна. Се обидуваат да го одолжат судскиот процес, а со тоа да постигнат една слика во која сакаат да нè претстават неконструктивни, како лица што предизвикуваат тензии. Но, таа стратегија нема да им успее. Покрај болката што ја чувствуваме, покрај загубата на нашите најмили, ќе продолжиме на најдостоинствен начин да го доведеме овој судски процес до крајот“, рече Синиша Ристевски, чиј брат е една од жртвите во сообраќајната несреќа кај Ласкарци.

Адвокатот Владимир Николовски, кој ги застапува некои од роднините на загинатите, реагира за начинот на кој сведочеле сведоците.

„Како и минатиот пат кога дадовме пред судот изјава, повторно сите изјави на ова вешто лице, кое е доктор на науки, се нецелосни, дополнувани од другите вештаци, некомплетни и по мене – нереални. Сакам да кажам дека вештото лице намерно избегнува да одговори на сите прашања што беа поставувани од обвинителот и бранителот на шестообвинетиот, со цел само да се одолжи и да се избегне правилната вистина од вештачењето на Машинскиот факултет“, рече адвокатот Владимир Николовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.