Дебарското одделение за внатрешни работи поднесе кривична пријава против сопружници од Дебар за измама на нивна сограѓанка, со што се стекнале со противправна имотна корист од над 770 илјади денари.
Како што информираше Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид, пријавата е поднесена против А.Ц.(39) и Ќ.Ц.(46), двајцата од Дебар, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „измама“ и „злоупотреба на лични податоци“.
Пријавените сопружници, во периодот од 2010 до 2022 година, свесно и со умисла, во неколку наврати довеле во заблуда повозрасна жителка од Дебар која, од една банка и 2 финансиски друштва, подигнала кредити и како заем им ги дала на пријавените кои и ветиле дека парите ќе ѝ ги враќале на рати, изјави Димоски.
Додаде дека пријавените, злоупотребувајќи ги личните податоци од личната карта на оштетената и од нејзината е-маил адреса, до едно финансиско друштво, поднеле онлајн апликација за добивање брз кредит.
Пријавените потоа парите ги подигнале од нејзината трансакциска сметка. Со ваквите нивни незаконски активности, се стекнале со противправна имотна корист од 777 000 денари, рече Димоски.
Ова е прв ваков случај во поширокото подрачје, кое со својата активност го покрива Одделението за внатрешни работи-Дебар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.