Битолското Основно јавно обвинителство издаде наредба за спроведување истражна постапка против едно лице осомничено за разбојништво во две аптеки и обложувалница во Битола.

Осомничениот, на 11.04.2022 година маскиран влегол во аптека на улицата „Солунска“ и на вработената и се заканил со пиштол, туркајќи ја кон магацинскиот простор. Одзел 40.500 денари спакувани во три книжни кеси и избегал. На 16.05.2022 година осомничениот повторно маскиран влегол во обложувалница на улицата „Филип Втори Македонски“ и се упатил кон пултот за наплата. На вработената и се заканил со нож, директно насочувајќи го кон неа и принудувајќи ја да му даде 207.000 денари и 200 евра, се наведува во соопштението од ЈО.

Оттаму дополнуваат дека при последниот настан, на 18.04.2023 година, осомничениот маскиран се заканил со нож на вработена во аптека на улицата „Димитар Илиевски – Мурато“.

Ја натерал да му го отвори сефот и ги одзел хартиените пликови внатре, сметајќи дека одзел пари. Всушност, во пликовите имало сметки и други документи. Осомничениот ја натерал оштетената да влезе во тоалетот, ја затворил внатре и избегал, велат оттаму.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола доставил предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи оценил дека постои опасност од бегство, можност да го повтори делото и да влијае врз сведоците и оштетените. Судијата го прифатил ваквиот предлог и му определил притвор во траење од 30 дена.​​



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.