Денешното рочиште за поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири, беше одложено поради здравствената состојба на обвинетитот.
Неговиот бранител попладнево испрати допис во кој ги објасни причините за „недоразбирањата“ околу неспроведувањето на Зеќири во судот, истакнувајќи дека неговиот клиент од самиот почеток соработува со надлежните органи, секогаш бил коректен и достапен за нив и така и ќе продолжел.
Со цел правилно информирање на јавноста за денешната ситуација околу одложување на рочиштето за мојот клиент Мухамед Зеќири, јас Александар Трајковски како негов бранител обврзан сум да реагирам на известувањата во дел од медиумите во кои се наведува дека причина за одложувањето на рочиштето е што полицијата не можела да го спроведе мојот клиент откако констатирала дека е болен.
Всушност фактите се следниве: со дозвола од судот, мојот клиент заради влошена психичка состојба поради ненадејната смрт на неговиот 41-годишен брат пред само десетина дена, минатиот петок (27.01.) беше полициски спроведен на специјалистички преглед до Клиниката за психијатрија каде му беше препишана терапија и изготвен извештај за неговата состојба, поради која тој во моментов не е во можност да го следи судењето – што е предуслов и начело за правично судење и право на секој обвинет.
Извештајот уредно и навремено е доставен до судот и надлежниот судија. Од таму полицијата не била информирана за психијатрискиот наод и и било наложено од страна на надлежниот судија, Зеќири сепак да биде спроведен.
И покрај тоа што полициските службеници на лице место се уверија во неговата состојба и надлежниот судија беше известен за истото, судиката инсистираше да се реализира спроводот, за потоа по нејзино барање да биде испратена и брза помош во посета на мојот клиент која исто така констатираше дека поради психичката состојба и терапијата која ја прима, не е во можност да го следи денешното судско рочиште.
Сакам да нагласам дека мојот клиент од самиот почеток соработува со надлежните органи, секогаш бил коректен и достапен за нив и така и ќе продолжи. Реакцијата е со цел да се заштити мојот клиент од нарушувањето на неговиот углед и креирањето на искривена перцепција во јавноста околу денешните случувања, објасни адвокатот на Зеќири.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.