СВР Скопје– Единица за економски и компјутерски криминал поднесе кривична пријава против А.Ѓ.(23) и А.Ѓ(25), двајцата од с.Рашче, скопско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем” по член 251 и „изработка и употреба на лажна платежна картичка” по член 274 Б од Кривичниот законик.
Првопријавениот, како што соопшти Министерството за внатрешни работи, во периодот од септември до декември 2021, додека бил вработен во правно лице во Скопје на работно место продавач, искористувајќи поволна прилика, со својот мобилен телефон ги фотографирал идентификациските податоци од платежните картички заедно со пин кодот од картичките на купувачите, кои му ги давале за плаќање на купената стока.
На тој начин успеал да собере податоци на 17 граѓани и потоа, заедно со второпријавениот ги искористиле во неколку наврати за плаќање на комунални сметки и нарачки на производи. По преземени мерки, било утврдено дека пријавените се сторители на делата. Со судска наредба биле извршени претреси во нивните домови во с.Рашче и биле пронајдени докази за извршување на кривичните дела, стои во соопштението од МВР.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.