Полицијата лишила од слобода седум лица ноќеска за поседување дрога, при контроли на концерт во објект во Карпош и во два угостителски објекта во Скопје.
Кај Р.Д.(25) и кај Х.А.(32), двајцата од Косово биле пронајдени три пакувања бела прашкаста материја, кај Ј.К.(37) од Гостивар била пронајдена грутчеста материја, кај З.Д.(32) од Кичево е пронајдена марихуана, а кај Ц.С.(27) од Демир Капија – марихуана и грутчеста материја. Лицата се приведени во Полициска станица Карпош и по документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци, соопшти МВР.
Во Полициска станица Центар, пак, е приведен С.Г.(24) од Свети Николе, а во Полициска станица Аеродром приведен е И.Х.(20) од Скопје, затоа што при извршена контрола во угостителски објекти кај нив била пронајдена прашкаста материја. И против овие лица ќе биде поднесена пријава по член 215 од Кривичниот законик.
Контролата била спроведена од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје, во содејство со Единицата за интервентна полиција и Единицата за внатрешни работи Карпош,.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.