Направени се сите потребни проверки во врска со денешните пријави од училишта во Скопје и Битола, Меѓународниот аеродром Скопје, СЦ „Борис Трајковски“, Национална арена „Тоше Проевски“, Фудбалска федерација на Македонија, Ист гејт мол, како и неколку хотели,  и е утврдено дека станува збор за лажни пријави, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Оттаму велат дека веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки.

Поради најава за поставена бомба, годишната конференција на Стопанската комора на Македонија во хотелот Александар Палас во Скопје, на која премиерот Димитар Ковачевски требаше да се обрати, се откажа.

Дојави за бомби утрово беа испратени и до Меѓународниот аеродром – Скопје, „Ист гејт мол“ и средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“.

На електронските адреси на десет училишта во Скопје и пет во Битола, како и Фудбалската федерација на Македонија, хотел Мериот, и спортска сала Борис Трајковски, исто така, денеска беше упатена закана за поставена експлозивна направа.

Покрај училишта, деновиве цел на дојави за бомби се и институции, трговски центри и други објекти.

Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани рекордни 49 дојави за бомби, за кои полицијата по проверките посочи дека се лажни.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.