Правниот сектор на Левица до Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе кривична пријава против двајца менаџери на „Електродистрибуција“ ДООЕЛ: Сашо Салтировски и Јохен Хагеман – поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „непријавување на кривично дело или сторител“ – казниво по чл. 364, ст. 1 од Кривичниот законик на РМ, со запретена затворска казна до три години.

Пријавените се товарат дека – во својство на службени лица, управители на компанија за снабдување со електрична енергија – во подолг временски период свесно и намерно прикривале и не пријавувале кражба на струја во поголем износ, односно незаконско користење електрична енергија од страна на жителите на општина Арачиново.

Со толерирање на илегалните приклучоци на електродистрибутивната мрежа, сторена е штета во износ од шест милиони евра годишно.

Очекуваме, надлежното ОЈО – Скопје, сериозно да ја земе во работа оваа наша издржана кривична пријава и по неопходниот распит на пријавените, како и по комплетирање на целокупната релевантна документација за ова продолжено кривично дело, да покрене обвинение против актуелните управители на ова правно лице. Со ова, еднаш-засекогаш би се ставил крај на сè позачестената неказнивост на дивите приклучоци на струја во оваа конкретна општина, во која – благодарение на заштитата дадена од антимакедонската владејачка коалиција на СДС и ДУИ – не важат нашите закони, велат од Левица.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.