Земјите-членки на Европската унија денеска постигнаа договор за споделување на задачата за згрижување бегалци и мигранти во кризни ситуации.
-Многу сум среќна што земјите-членки сега се договорија за регулирање на кризата, што е важен дел од сложувалката во пактот за миграција и азил, изјави шведската министерка за миграција Марија Малмер Стенергард, пренесоа британските медиуми.
Таа посочи дека сега може да се продолжат преговорите меѓу Советот на Европа, Европската комисија и Европскиот парламент.
-Важно е да се постигне договор за да се воведе ред во надворешните граници на ЕУ и да се намали протокот на мигранти, рече Малмер Стенергард.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на платформата „Х“ напиша дека тоа е вистинска пресвртница која овозможува да се продолжи напред во преговорите.
Денешниот состанок беше последна шанса да се постигне договор пред лидерите на ЕУ да се состанат во Гранада, Шпанија, утре и во петок, каде се очекува да разговараат за илегалната миграција во услови на зголемени пристигнувања низ Медитеранот, вклучително и на италијанскиот остров Лампедуза.
Земјите како Полска и Унгарија и понатаму силно се противат на прифаќање на луѓе кои пристигнуваат од Блискиот Исток и Африка, но 27-те земји-членки сè уште можат да постигнат мнозински договор што овие две земји не можат да го блокираат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.