Неколкумина британски војници деновиве направија неколку инциденти низ Македонија по што завршија во полициска станица. Станува збор за војници кои биле дел од воената вежба „Брз одговор 22″, што се одржува на Армискиот полигон „Криволак”.

Во период кога вежбата заврши и следува процес на враќање на опремата овие лица ги искористиле вечерните часови за прошетки. Но, билтенот на МВР вели дека седуммина од нив завршиле во полициска станица. Четворица поради украдено такси возило, а тројца поради кршење во ресторан и напад на полицаец.

На прашање на редакцијата на МКД.мк од Министерството за одбрана одговорија дека поведувањето постапки и евентуално санкционирање на странските војници е во надлежност на државите и институциите на земјите од каде што доаѓаат војниците.

Сите војници кои доаѓаат од сојузничките земји на обуки и вежби кај нас потпаѓаат под НАТО СОФА – договорот (Договор за статус на сили), кој важи за сите земји – членки на Алијансата. Домашните институции кои имаат обврска да го одржуваат јавниот ред и мир и во случај на негово нарушување можат да интервенираат и да спречат ескалација, но нивната надлежност е ограничена. Поведувањето постапка и евентуалното санкционирање е во надлежност на државите и институциите на земјите од каде што доаѓаат војниците, стои во одговорот од МО.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.