Oсновното јавно обвинителство Гевгелија донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои сомнение дека сторил две кривични дела -Убиство од член 123 од Кривичниот законик.

Осомничениот 69-годишник, на 24 септември, со умисла ги лишил од живот сопствениот брат и неговата сопруга, со кои живееле во иста семејна куќа со различни влезови.

Кога ги забележал оштетените како се паркираат со нивното возило пред дворот на куќата, осомничениот излегол во дворот, држејќи ја во рацете приватната тужба поднесена против него од починатите за кривично дело – Оштетување туѓи предмети.

Двајцата браќа имале нарушени меѓусебни односи и не разговарале повеќе од 40 години, но починатите тужбата ја поднеле неодамна, бидејќи осомничениот, ставајќи олуци на куќата, скршил плочки и ја оштетил оградата од нивната тераса.

Кога им забележал за поднесената тужба, тие не сакале да разговараат со него, па осомничениот влегол дома и го зел пиштолот марка „Црвена застава“, со калибар 7,62 милиметри кој го поседувал со дозвола. Потоа испукал повеќе куршуми кон братот и снаата, кои од здобиените повреди тие починале на самото место.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гевгелија достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.