Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ од член 215 став 1, а во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Како што информира ОЈО, во стан во кој престојувал уапсениот 25-годишник на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, полицијата на 1 август пронашла вкупно 85,31 грам наркотична дрога – марихуана, спакувана во пет помали ќеси. Осомничениот и неговата 26-годишна соизвршителка заедно ја држеле дрогата наменета за неовластена продажба. Исто така, кај нив биле пронајдени и парични средства во евра и денари за кои постои сомнение дека потекнуваат од илегална продажба на дрога.
До судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставен е предлог за определување мерка притвор за осомничениот кој и претходно бил осудуван за исто дело, како и предлог за определување мерки на претпазливост за осомничената.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.