Апелацискиот суд Скопје ја потврди првостепената пресуда на Основниот суд во Велес со која ја ослободи од обвинение 23-годишната велешанка Павлинка Илоска, сметајќи дека не е кривично дело она што е сторено во нужна одбрана. Судијката Габриела Гајдова во февруари, лани кажа дека Пале се бранела од сега покојниот. Од ДНК под ноктите на покојниот полицаец, се утврдило дека тој навистина ја давел, посочи судијката. Била влечена за облеката, удирана по нозе и раце, но и глава.

Велешанката Павлинка Илоска Пале пред Основниот суд во Велес лани изјави дека се бранела од нејзиниот невенчан сопруг, полицаецот Александар Ристовски (40) и раскажа дека тој ја влечел и ја тепал, а таа го молела да ја остави, но тој продолжи.

За ножот со кој го убила раскажа дека го зела и замавнала по него незнаејќи ни што држи во рацете, само за да се одбрани. На судиите во Основниот суд во Велес им нагласи дека се борела за живот и дека ако не се одбранела, тогаш тој ќе ја убиел неа.

Се каам и жалам за стореното, но тоа беше борба за живот, ако не беше тој, јас ќе бев мртва. Кога почна да ме дави јас претав со нозе, со раце, немав сила да му се спротивставам. Се вративме од гости околу полноќ, тој пиеше, јас утрината бев работа и сакав да спијам. Побара од мене да сум направела есап колку пари сме потрошиле, а јас од желба за сон сум заспала. Тој во таква состојба се нафрли врз мене. Бев како фудбалска топка, ме шутираше со нозе. Па ме фати за врат, му реков немој Александар ќе ме удавиш, се уплашив. Почнав да губам свест, гледав само некоја светлина, немав воздух да дишам. И во таа борба за живот кога стивнавме до кујната фатив некој предмет, не знаев што е, само сакав да го удрам да ме ослободи. Почувствував дека наеднаш губи сила и ме ослободи. Видов дека има нож во градите, ги раскажа кошмарните моменти обвинетата на едно од рочиштата.

Со потврдата од второстепениот суд пресудата за Пале е правосилна.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.