Земјите-членки на ЕУ денеска се согласија дека сите капацитети за складирање природен гас во Унијата треба да се наполнат до најмалку 80 отсто од капацитетот за следната зима, поради можноста Русија дополнително да ги намали испораките.
Министрите за енергетика на ЕУ денеска ги усвоија правилата за складирање гас, врз основа на предлогот на Европската комисија од март и со нив, исто така, се предвидува подземните складишта за гас во Унијата да бидат исполнети до 90 отсто од капацитетот пред зимата 2023-2024 година.
Според правилата усвоени денеска, членките на ЕУ кои немаат сопствени складишта треба да складираат 15 отсто од годишната потрошувачка на гас во другите земји-членки.
На минатонеделниот самит во Брисел, лидерите на земјите-членки на ЕУ се договорија да ги интензивираат подготовките за дополнително намалување на испораките на гас од Русија и да продолжат да бараат други добавувачи. ЕУ веќе ги зголеми испораките на гас од САД, Норвешка, Алжир и Азербејџан.
ЕУ се обидува значително да го намали користењето на руската енергија за време на руската војна против Украина и да најде други извори на снабдување. Забраната за увоз на руски јаглен ќе стапи на сила во август, додека ембаргото за поголем дел од нафтата од Русија постепено ќе се зголемува во следните осум месеци.
Во меѓувреме, Москва ги намалува испораките на природен гас, гориво што се користи за напојување на фабриките и производство на електрична енергија, што ЕУ не го покрива со санкции поради стравот дека ќе предизвика голема штета на сопствената економија.
Москва го прекина снабдувањето со гас за неколку земји од ЕУ, вклучително и големите увозници како Германија и Италија, и го прекина снабдувањето со други членки како Полска и Финска.
Пред руската инвазија на Украина, ЕУ набавуваше околу 40 отсто од природниот гас од Русија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.