Злоупотреба на жени во ранливи категории кои ги користеле како донори на јајце клетки или сурогат мајки, измами на пациенти преку лажни ин витро, посредување при нелегални посвојувања, се делата за кои се уапсени осум лица, членови на криминална организација на грчкиот остров Крит за вршење трговија со луѓе и нелегални посвојувања, јави дописничката на МИА од Атина.

Од грчката полиција соопштија дека од декември 2022 година, биле евидентирани најмалку 182 случаи на експлоатација на жени со отстранување на јајце клетки и сурогат мајчинство, а биле откриени над 400 случаи на измами преку лажни ин витро.

Меѓу уапсените осум лица, две имале водечка улога од кои едниот е 73-годишен лекар и сопственик на приватна клиника, кој ја координирал и водел криминалната организација.

Функционирале преку регрутирање жени од Крит, Солун, но и од странство, кои имале улога на посреднички и биле задолжени за пронаоѓање жени, странски државјанки кои се во ранливи положби за да ги искористат како донори на јајце клетки или сурогат мајки за „клиентите“ на организацијата од целиот свет, односно парови кои не можат да имаат деца или истополови парови кои законски не ги исполнуваат условите за посвојување.

Од досегашната истрага на полицијата од декември 2022 година биле регистрирани: 71 жена – донатори на јајце клетки, 98 жени – жртви на трговија со луѓе, кои биле експлоатирани како сурогат мајки, 13 случаи на незаконски процедури за добивање дете преку програма за сурогат мајчинство, четири случаи на незаконски посвојувања, 400 случаи на измама или предизвикување физичка повреда на пациентите преку лажните ин витро во 2021, 2022 и 2023 година.

Според полицијата, придобивката за криминалната организација за секоја програма за сурогат мајчинство вообичаено се движела од 70.000 до 100.000 евра, од кои 70 отсто е нето добивка.

Во рамките на полициската акција биле откриени 30 жени, странски државјанки, кои или биле донори на јајце клетки или се трудници во процес на сурогат мајчинство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.