По сведочењето на момчето убиец Коста К., кое изврши масакр во српското училиште, адвокатката Ирина Боровиќ, која го застапува неговиот татко В. К., за медиумите откри дека момчето било детално испрашувано зошто го извршило масакрот, а како што тврди таа, изразило и каење.

Денеска беше сослушан малолетник, детално сослушан за сите околности кои може да бидат важни за откривање на причините поради кои сето ова го направил. Она што можам да го кажам е дека тој го потврди она што го кажа таткото – дека оружјето било целосно обезбедено. Исто така, тој тврди дека татко му не му го овозможил првиот контакт со оружје. Изрази каење за сѐ што направи – изјави адвокатката Ирина Боровиќ.

Сослушувањето на Коста траело речиси четири часа во рамките на постапката што се води против татко му, кој се товари за тешко кривично дело против општата безбедност.

Се сомнева дека не го чувал оружјето според прописите, а со кое момчето убиец уби девет врсници и училиштен чувар во основното училиште „Владислав Рибникар“.

Исто така, тој е осомничен дека го научил својот син да ракува со оружје, како и дека го однел на стрелиште.

Момчето убиец беше испрашуван преку видеоконференциска врска воспоставена меѓу здравствената установа во која е набљудуван и Вишото јавно обвинителство во Белград.

На сведочењето присуствуваа в.д. обвинител, адвокатот на таткото, адвокати на оштетените, како и неколку родители на убиените деца.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.