Нови инциденти има во северно Косово, каде утрово се запалени два камиона и автомобил во Северна Митровица, јави дописникот на МИА од Приштина.

 

Заменик-директорот на косовската полиција за северниот регион, Ветон Елшани за медиумите изјави дека случајот е покренат како подметнување пожар, а пред палењето рече дека се слушнале три детонации, предизвикани од молотови коктели. Елшани соопшти дека во пожарот нема повредени, а полициските органи излегле на самото место и го истражуваат случајот.

Радио слободна Европа објави дека сопственици на камионите се Албанци, кои имаат бизнис со трговија на големо во Северна Митровица, а оштетениот автомобил е сопственост на Србин. На северот на Косово, област населена со мнозинство Срби, годинава имаше неколку слични инциденти. На почетокот на јуни изгореа два автомобила на истото место, каде што се запалени и последните камиони, а на почетокот на април му изгоре автомобилот и на припадник на граничната полиција на Косово. Во март изгоре и локал сопственост на Наташа Томаниќ, поранешна заменичка-градоначалник на општина Звечан.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.