Мораме да соработуваме, за да успееме. Клучот е во партнерствата, во сојузништвата. Во услови на ризици од глобален немир, мораме да се здружуваме и да создаваме платформи, соработки и партнерства кои емитуваат регионален мир, стабилност, предвидливост, и затоа регионалната соработка ја ставам на прво место.

Ова го истакна денеска поранешниот премиер Зоран Заев во своето обраќање на Сараево бизнис форумот на првиот панел посветен на можностите за економско закрепнување во постковид периодот во контекст на справување со огромните предизвици кои ги донесе ковид пандемијата, надополнета со кризата предизвикана од воената агресија врз Украина.

– Недостатоците од вештини, од работна сила, од продукциски капацитети, па дури и од храна, во која било од нашите држави, можеме да ги надоместуваме потпирајќи се на нашите соседи, односно на регионалната соработка. Затоа силно го поддржувам процесот на создавање единствен пазар на Западен Балкан и очекувам да се зголемува бројот на држави кои ќе учествуваат во тргањето на пречките за слободен проток на луѓе, услуги, добра и стоки во нашиот регион, нагласи Заев.

Според него, регионот има огромни бизнис потенцијали особено во делот на зелената енергија.

– Време е регионот да си го „спакуваме” и како инвестициски потенцијал. За да ги донесеме големите играчи треба и ние да играме поголема игра. Западен Балкан има огромни потенцијали за создавање енергија од обновливи извори, имаме многу сонце, ветер и вода. Тоа подразбира инвестиции во големи стратешки и инфраструктурни проекти, а денес тоа го можат големи и глобални инвеститори. Нашите држави може да се конкурентни за вакви проекти само ако се здружиме и ако настапуваме како регион. На тој начин недостатоците ќе исчезнат, придобивките ќе пораснат, истакна Заев.

Како типичен пример како треба да се игра регионално кога е во прашање глобалната енергетска политика, тој го посочи проектот за гасниот терминал Александруполи во Грција, кој ќе овозможи долгорочна енергетска независност и стабилно и постојано снабдување со течен гас во едно исклучително кризно време.

– Сметам дека треба да сме уште похрабри и поодлучни кога станува збор за регионалното поврзување. Ситуацијата во Украина ја налага таа нужност и ги зголемува потенцијалите од регионалната соработка на Западен Балкан, потенцира Заев.

Но ова се големите чекори кои ќе проработат на среден рок, а кризата, вели тој, тропа на врата секој ден и затоа нашите држави мораат да продолжат засилено да ги помагаат граѓаните директно, особено најранливите и најсиромашните.

– Опоравувањето бара одржување на куповната моќ на семејствата, а со тоа и амортизација на ценовните шокови. Затоа, апелирам до владите, не штедете на граѓаните, напротив вложувајте во нив – во куповната моќ и во развојот на човечкиот капитал. Минималната плата мора да одржува постојан раст, социјалната помош исто така, пензиите исто така. Државите, владите, бизнисите, синдикатите и опозициите треба да бидат во постојан дијалог и да создаваат решенија. Во кризни времиња штрајковите и блокадите не се решенија. Дијалогот е решение. Компетитивност со идеи, трагање по стабилност и предвидливост. Тоа се чекорите кои ќе не одведат до решенија, а не радикални потези, блокади, исклучивост и насилство, подвлече Заев.

Според него, треба да се засили помошта и за компаниите, преку бескаматни и нискокаматни кредити и грантови за развој, постојано и засилено да се создаваат можности за компаниите да си ги пронајдат сопствените можности. Овие мерки, заедно со силен ангажман на институциите за навремена и целосна реализација на капиталните инвестиции, според него, водат до живи, активни, еластични и издржливи економии.

– Уверен сум дека економиите на Западен Балкан ќе бидат и посилни и подинамични доколку соработуваат, доколку се здружуваат и доколку се стремат што поскоро да прераснат во една единствена отворена економија. Тоа е гаранција за конкурентност во однос на целиот свет, гаранција за инвестиции, за работни места, за потрошувачка моќ и конечно, гаранција за подобар живот на нашите граѓани, порача поранешниот премиер Зоран Заев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.