Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во Њујорк се сретна со потпретседателот на Европската комисија, Марош Шефчовиќ, со кого разговараше за забрзаниот пристап на Србија во Европската унија, областите на управување со суровините, енергетиката, рударството, како и за развој на нови технологии неопходни за понатамошен одржлив економски раст и заштита на животната средина, јави дописникот на МИА од Белград.

-Разговаравме за многу значајни инвестиции, заеднички пристап и проекти и беше потпишано писмото за намери меѓу Република Србија и Европската унија, наведе Вучиќ на Инстаграм профилот „будуќностсрбијеав“.

На средбата присуствуваа министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, и амбасадорот на Србија во САД, Марко Ѓуриќ.

Вучиќ претходно рече дека за некои идни влади ќе биде многу важно – да работат заедно со Европејците, од заштита на животната средина до искористување на се она што постои во Србија.

-Сега имаме исклучително важен состанок во нашата мисија со потпретседателот на ЕК Марош Шефчовиќ во врска со нашето учество и приклучување кон ЕУ во однос на суровините, минералите, металите и се друго. Да имаме заеднички пристап, рече Вучиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.