Кај нас досега не е евидентиран сомнителен случај на мајмунски сипаници, соопштуваат од Националната организација за јавно здравје на Грција и додаваат дека во соработка со европските организации, но и СЗО и внимателно ја следат ситуацијата, јави дописничката на МИА од Атина.

Паралелно, на граѓаните им препорачуваат да ги следат упатствата на лекарите во случај на осип или невообичаено оштетување на кожата.

Објаснуваат дека првиот случај на мајмунските сипаници беше регистриран на почетокот на месецов во Велика Британија кај лице кое се вратило од Нигерија и оттогаш има спорадични случаи и во други европски земји – Португалија, Шпанија, Италија

Додаваат дека болеста се пренесува од човек на човек преку контакт со кожни лезии, телесни течности и/или контаминирани предмети на пациентот, како и преку респираторни капки по продолжен близок контакт на кратко растојание, симптомите вклучуваат треска, главоболка, исцрпеност, а најчесто се појавува и карактеристичен осип еден до пет дена по почетокот на симптомите.

-Иако не постои специјална терапија, повеќето пациенти целосно закрепнуваат во рок од неколку седмици. Појавувањето случаи во Велика Британија без претходно патување, како и појавувањето спорадични случаи во други европски земји укажуваат на тоа дека болеста најверојатно се шири во заедницата. Се нагласува дека врз основа на досегашните епидемиолошки податоци, опасноста за општата популација е низок, бидејќи болеста е обично лесна и се самоограничува, со релативно мало ширење, соопштуваат од Националната организација за јавно здравје на Грција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.