На новиот контролен пункт, кој се наоѓа на помалку од половина километар од административниот премин меѓу Косово и Србија, Јариње, пристигнале три хамери и неколку џипови со припадници на специјалните сили на косовската полиција во полна борбена опрема.
На овој пункт, кој се уште е во изградба (се проширува асфалтот) во текот на верашниот ден „дежурал“ екипаж со едно оклопно возило, а утрово само утринската смена на Граничната полиција, објавуваат српските медиуми.
Според пишувањата, новите сили на косовски полицајци и постојаните патролирања по патиштата на северот на Косово и Метохија внесуваат немир кај српското население. Тензиите се речиси опипливи и покрај постигнатиот договор за личните документи и уверувањата на меѓународните посредници дека мирот мора да се зачува и дека Приштина нема да ја повлече едностраната примена на мерката за регистарски таблички.
Не им веруваме и нема да им веруваме. Доколку Приштина немаше некаков план, немаше да натрупува вооружени специјалци овде – е неподеленото мислење на Србите во северните косметски општини, пишува „Новости“.
Соговорниците на „Новости“ велат дека понекогаш и две оклопни возила застануваат пред нивните куќи, излегуваат со извадено оружје на патот, ги запираат возилата и ги проверуваат.
Заедно со специјалните сили испратени на северот, во овој дел на Косово е зголемено и присуството на КФОР. На два километри од новата база на специјалните полициски сили кон Лепосавиќ, дежураат американски припадници на меѓународните сили. Тие изгледаат речиси незаинтересирани дури и кога автомобилите застануваат на нивниот контролен пункт.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.