Владата на Косово донесе одлука да ги прогласи за терористички организациите „Цивилна заштита“ и „Северна бригада“, нелегални формации на косовските Срби, кои дејствуваат на северот на земјата кој е населен со мнозинско српско население, јави дописникот на МИА од Приштина.
Премиерот Албин Курти на денешната седница рече дека тие организации претставуваат „сериозна и директна закана за безбедноста и уставниот поредок на Косово“.
Врз основа на проценките на безбедносните институции на Република Косово, илегалните формации „Цивилна заштита“ и нејзината компонента „Северна бригада“ претставуваат сериозна и директна закана за безбедноста и уставниот поредок на Косово, рече Курти.
Меѓу причините кои ги наброја за прогласувањето на двете организации за терористи, тој рече дека тие го организирале „регрутирањето и обуката на свои припадници за користење огнено оружје и воени методи во воени бази во Србија“ и организирале напади врз домашните и меѓународните институции.
Поаѓајќи од тоа дека со загрозувањето на уставниот поредок нема компромиси, а имајќи за цел заштита на сите граѓани на Косово, (поаѓајќи) од дејствијата со терористички елементи, вклучително оружените напади врз Полицијата на Косово, КФОР и ЕУЛЕКС, нападите врз граѓаните и политичките противници…, предизвикувањето општа опасност, уништувањето јавна и приватна сопственост, попречувањето на слободата на движење, принудувањето на граѓаните за учество на протести, барикади и други форми на отпор…, регрутирањето и обуката на сопствени припадници за користење огнено оружје и воени методи во воени бази во Србија со цел вршење напади врз домашни и меѓународни институции во Косово, заканите и заплашувањето на граѓаните на северот на земјата… „Цивилна заштита“ и „Северна бригада“ се прогласуваат за терористички организации во Косово, рече Курти.
Министерот за внатрешни работи, Џељаљ Свечља рече дека се работи на идентификувањето на тие кои ги загрозуваат уставноста, законитоста и безбедноста на Косово и ги обвини претходните влади дека ги толерирале групите кои вршеле такви дејствија.
Во рамки на соодветните мандати, надлежните институции идентификувале неколку терористички групи кои вршат директни терористички дејствија кон Косово. Тие групи со години се толерирани. Повеќе од две години нашите законити одлуки се соочуваа со блокади, оружени напади врз припадниците на полицијата, напади врз државните објекти, врз политичките противници, врз новинарите итн. МВР се ангажира за идентификување на тие лица кои извршиле кривични дела, рече Свечља.
На прогласувањето на двете организации за терористички се спротивстави единствениот министер Србин во Владата на Курти, Ненад Рашиќ, кој побара од министерот Свечља да го преиспита предлогот, а од Владата да не донесува избрзани одлуки.
Некои одлуки се избрзани и мислам дека треба да се движиме многу внимателно. Ве молам доколку е можно да размислите уште еднаш и да ги преразгледаме предлогот и одлуката, затоа што стравувам дека ќе ги разделиме патиштата со нашите соговорници на север. Ваквиот пристап ќе не оддалечи многу од нив, рече Рашиќ.
Курти го именува Рашиќ за министер за заедници и враќање, откако во ноември минатата година најголемата партија на косовските Срби, Српска листа, одлучи да ја напушти владината коалиција, како и да ги бојкотира Парламентот и другите државни и локални институции на Косово.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.