Помина една недела, ама уште не можам да си ја средам главата. Прво требаше да ги завршам сите административни обврски, сега почнаа и болки во главата, ми се јавуваат од разни телевизии. Тешко ми е, потешко ми е од одење на работа. Не сум подготвена за ова.

Вака ја почнува својата исповед за српските медиуми професорката од Техничкото училиште во Трстеник која беше малтретирана од учениците, инцидент кој масовно се споделува по социјалните мрежи.

Вели, „уморна сум и преплашена“.

Ова е премногу за мене. Иако сега знам многу повеќе детали за тој настан, верувајте не бев ни свесена што ми се случи на часот. Дури кога дојдов дома и син ми ми ја покажа снимката сфатив што ми се случи, вели таа.

На прашањето зошто веднаш не го прекинала часот, да замине и да оди да пријави што ѝ се случило, професорката вели дека почекала да заврши часот.

Се срамев од она што го доживеав. Дојдов дома да видам во каква состојба сум. Да се соберам. Мојот син беше во соседната училница. Ни тој не знаеше. Но, набрзо го видел видеото и истрча дома. Беше бесен, вели професорката.

Синот ја убедил да оди до Здравствениот дом во Трстеник и веднаш да се провери. Таа вели дека за среќа поминала само со полесни физички повреди, но психичките, вели, се далеку поболни.

Во училницата имало само седум ученици на нејзиниот час по англиски, бидејќи самиот клас брои само единаесет ученици. Затоа изгледало како училницата да е празна.

Професорката вели дека вакво нешто досега не се случило.

Кај еден од нив семејните односи не се најдобри. Тој има и други браќа и сестри и грижата за нив не е баш на високо ниво. Го знаев тоа и го штитев поради тоа. И гледате како ми врати. Ученикот кој ми го тргна столот е малолетник, има 17 години. Не знам како ќе заврши тоа. И претходно се случило да побараме бркање на проблематичен ученик, а по жалби Министерството за образование да ни го врати во училиште. Овие треба да одат во воспитно-поправен дом, вели професорката, сè уште видно потресена од сè што ѝ се случило.

Професорката вели дека нејзиното искуство не е ретко во српските училишта.

Ова не е изолиран случај. Ова е исто како и со другите кривични дела каде што само една од 10 жртви јавно зборува. Другите не сакаат да го трпат срамот. Разговарав со колегите кои ги имаат истите проблеми со одржување на редот на часовите. Тие наоѓаат некој строг, кој ќе глуми строгост 45 минути. Јас важам за една од поблагите наставници. Имам деца на нивна возраст, ги почитувам како личности. Не би сакала некој лошо да се однесува со моето дете, затоа кон никое дете не се однесувам така. Не знам зошто баш мене ми се случи ова, тоа се работи кои се надвор од нашата контрола. Буквално, вели таа.

Дисциплинската постапка против насилните ученици е во тек, а случајот ќе добие и судски епилог.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.