Турската полиција во Истанбул го уапси црногорскиот мафијашки бос Жељко Бојаниќ, по кого Интерпол распиша меѓународна потерница. Бојаниќ беше обвинет и за убиството на Србинот Риста Мијановиќ.

Локалните медиуми пишуваат дека полициски екипи го пребарале и ископале дворот на вилата во која се криел Бојаниќ, поради сомнение дека телото на Мијановиќ може да биде закопано таму. Потрагата ќе продолжи и во наредните денови.

Мијановиќ беше член на кланот Шкалјар, кој од 2014 година беше во судир со кавачкиот клан на Бојаниќ. Кавачкиот клан во септември беше обвинет во Истанбул за злосторството на шефот на Шкалјар Јован Вукотиќ, пишува Блиц.

Си-Ен-Ен Турк објави дека Бојаниќ, кој го носи прекарот „Борис“, е меѓу 45-те најбарани криминалци во Европа и дека во Турција влегол со лажен пасош на име Анделју Белчев Јордан. Кликс пишува дека медиумите објавиле дека за убиството на Вукотиќ на членовите на турската банда чиј водач бил затворен во Италија им биле исплатени околу еден милион евра.

Вукотиќ, кого Србија го бараше, пред три години беше фатен во Турција и екстрадиран во Србија, каде по судењето беше ослободен, но очигледно се врати во Турција со лажна лична карта и пасош, исто како и Бојаниќ. Околу 50 луѓе се убиени во конфликтот меѓу двата клана од 2014 година.

Кој е Бојаниќ?

Жељко Бојаниќ, Милан Миловац и Петар Чошиќ, најблиските соработници на Дарко Шариќ, најголемиот наркобос на Балканот, од 2019 користат македонски пасоши со украден идентитет. Бојаниќ имал дури два македонски пасоши, еден на име Спиро Аговски и втор со име на украден идентитет на Јордан Белчев.

Црногорските медиуми го прогласија за најбараниот криминалец во Европа. Една од меѓународните потерници по него беше издадена од Интерпол на Словенија за трговија со дрога. Сепак, на 8 јули 2019 година Бојаниќ добива македонски пасош со украден идентитет на Спиро Аговски, а два месеци подоцна, на 25 септември, му бил издаден уште еден македонски пасош со украден идентитет на име Јордан Белчев. На два пати, Бојаниќ во некоја од канцелариите на управните служби на македонското Министерство за внатрешни работи се фотографирал, оставал отпечаток на прст и добил два пасоши со две различни имиња. Дури на 2 март 2021 година е откриен неговиот вистински идентитет.

Жељко Бојаниќ беше еден од најдоверливите луѓе на Дарко Шариќ, познатиот балкански наркобос. Бојаниќ беше задолжен за транспорт на кокаин од Јужна Америка кон Европа со користење мегакрузери и перење пари од трговијата со кокаинот со вложување во недвижнини.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.