На коалицискиот совет на бугарската владина коалиција е постигнат договор за програмата за управување во следните шест месеци меѓу трите партии кои владееја во старата коалиција во Бугарија, „Продолжуваме со промената“, Бугарската социјалистичка партија и „Демократска Бугарија“.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, персоналниот состав на идната бугарска влада, што ќе го предложи заменик претседателот на „Продолжуваме со промената“, Асен Василев, ќе се коментира дури кога ќе има поддршка од 121 пратеник од вкупно 240 пратеници. Засега коалицијата има 115 гласа, а недостигаат гласовите на уште шест пратеници.

Василев истакна дека за да се спроведат реформи до крајот на 2022 година Народното собрание на Бугарија мора да донесе повеќе од 40 закони.

Лидерката на БСП Корнелија Нинова изрази задоволство од финалната верзија на програмата за управување, при тоа истакнувајќи оти најважно е да се гарантира стабилност во економијата и безбедност на семејствата и бугарските граѓани. Таа беше категорична дека нема да биде лесно на есен и на зима и дека целта е да има сериозна програма за помош на секое бугарско семејство во овој период.

Атанас Атанасов од „Демократска Бугарија“ ја истакна енергетската безбедност на Бугарија како приоритет на идната влада.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.