По вчерашниот тензичен ден, денеска во бугарското собрание продолжи напнатата атмосфера помеѓу пратениците од власта и опозицијата. Денеска дојде и до физички контакт меѓу народните избраници во парламентот, по што привремениот претседател Мирослав Иванов беше принуден да даде пауза од 20-тина минува.
Тензијата, која прерасна во турканици започна помеѓу пратениците на владејачката Продолжуваме со промената и опозициската ДПС по изјавата на пратеникот Костадин Костадинов од екстремната опозициска партија Преродба.
Костадинов од собраниската говорница употреби зборови како „фашистички ѓубриња“ и повика „никој да не ја окупира државата“, што предизвика жестока реакција кај другите пратеници.
По неговиот говор, на говорница веднаш излезе Јавор Бојаков од владиниот коалициски партнер БСП кој рече дека „очигледно оти Костадинов е единствениот кој намерно ја турка државата кон конфликт“.
Расправиите во пленарната сала продолжија, па остри реплики си разменија и Росен Костуров и Настимир Ананиев од Продлжуваме со промените, од една, и Хамид Хамид од ДПС.
Од двете пратенички групи се собрале повеќе пратеници и дошло до турканици. Ананиев бил погоден, како што јавува БГНЕС, но причините и околностите околу конфликтот не се целосно јасни.
Мирослав Иванов давајќи пауза за да се смират тензиите упати и предупредување до пратениците дека во случај ако се повтори ваквото однесување, пратениците ќе бидат отстранети од седницата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.