Народните пратеници на проевропската опозиција денеска пред Владата на Србија ги повикаа „сите граѓани, организации и здруженија“ да им се придружат утре во 18 часот на протест на кој ќе го блокираат и мостот Газела, за кој најавија дека е само „блокада за предупредување“ доколку не ги исполнат барањата и доставија до Владата подготвен текст на оставки, кои треба да го потпишат министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ и шефот на БИА, Александар Вулин, јави дописникот на МИА од Белград.
Утре во 18 часот ги повикавме сите граѓани, сите организации, здруженија да дојдат пред Народното собрание, каде по собирот ќе се упатиме кон Газела. Планот е да се блокира Газела два часа како прв знак за предупредување додека не се исполнат барањата, изјави пред насобраните Александар Јовановиќ Чута, пратеник на коалицијата Мораме-Заедно.
Тие ги поканија и оние граѓани кои не можат да дојдат во Белград да ги блокираат улиците и плоштадите во нивните градови.
Србија мора да застане додека не се исполнат овие барања. Утре е протест за блокада за предупредување, потоа ќе повикаме на повторни блокади, само што тие ќе бидат подолги, рече Јовановиќ.
Обраќањето на опозицијата почна со говорот на Јовановиќ, кој ги повтори барањата на опозицијата, меѓу другото, разрешување на министерот за внатрешни работи Братислава Гашиќ и првиот човек на БИА Александар Вулин.
Бараме од Братислав Гашиќ и Александар Вулин да го направат единственото нешто што можат, а тоа е веднаш да се повлечат од своите позиции. Во име на сите мои колеги зад мене, им порачувам дека е подобро тоа да го направат сами отколку народот да ги смени на улица, рече Јовановиќ.
Тие ова барање го доставија до писарницата на Владата на Србија.
Од проевропската опозиција бараат и да знаат зошто претседателот на Народното собрание, Владимир Орлиќ, не сакал да ги прими пратениците и да разговара со нив за барањето да се одржи седница на српскиот Парламент, на која, како што претходно најавија, ќе се разговара за одговорноста и безбедноста во земјата.
Затоа, како што велат, доколку владините претставници не сакаат да разговараат во Собранието, утре ќе разговараат на Газела, изјави Јовановиќ Чута.
Тие ги повторија своите барања од понеделникот кога побараа смена на раководството на РЕМ, како и суспендирање на националните фреквенции на ТВ Пинк и ТВ Хепи за кршење на законот за, како што велат, „запирање на труењето“ на граѓаните.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.