Владата на Србија донесе одлука да ја прекине соработката со меѓународната рударска компанија „Рио Тинто“, потврди премиерката на Србија, Ана Брнабиќ.

Сите управни акти поврзани со „Рио Тинто“, односно (фирмата ќерка) Рио Сава, сите дозволи, решенија, решенија се поништени. Ги исполнивме сите барања на еколошките протести и ставивме крај на „Рио Тинто“ во Република Србија – изјави премиерката на Србија, по седницата на Владата на Србија.

Англо-австралискиот конзорциум „Рио Тинто“ планираше да изгради рудник за литиум во западна Србија, а проектот го доби името „Јадар“.

Премиерката на Србија ги покани сите заинтересирани еколошки организации да контактираат со неа и изјави дека нејзиниот тим е подготвен да ги достави сите документи поврзани со работата на компанијата до заинтересираните.

Брнабиќ изјави дека на овој начин Владата на Србија ги прифатила сите барања на еколошките организации.

Од „Рио Тинто“ соопштија дека се крајно загрижени поради изјавата на премиерката Брнабиќ, дека просторниот план за проектот „Јадар“ е откажан, како и дека се поништуваат сите управни акти поврзани со проектот.

Во соопштението се наведува дека компанијата за време на работата на проектот „Јадар“ секогаш ги почитувала законите на Србија.

„Рио Тинто“ ја разгледува правната основа за донесување на оваа одлука и импликациите што таа може да ги има врз нашите активности и нашите луѓе во Србија – се вели во соопштението на „Рио Сава“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.