Помала единица на словенечката армија, на границата на земјата со Хрватска, близу малиот граничен премин Виводина – Крмачина, кај градот Метлика, почна со отстранување на жичената ограда поставена против мигранти.

На настанот беше присутна и министерката за внатрешни работи, Татјана Бобнар, препишувајќи му на овој чекор големо симболично значење.

Бобнар изјави дека отстранувањето е знак на промена на политиката на новата Влада кон мигрантите и бегалците, бидејќи таа се обврзала на најголема почит на човековите права и забрзување на обработката на барањата за азил.

Според Бобнар, на границата кон Хрватска сега има поставено околу 51 километар жилет жица, а војската дневно може да отстрани од 150 до 200 метри. Проценето е дека на војската ќе ѝ бидат потребни најмалку 150 работни дена.

Нашата намера е прво да ја отстраниме жицата – истакна министерката.

Таа додаде дека потоа ќе почне „постепеното отстранување“ на металната ограда, во соработка и добра комуникација со локалните заедници.

Како што додаде Бобнар, месните заедници се заинтересирани да ја преземат панелната ограда, со што таа нема да се уништи.

Војската нема да ја отстранува панел оградата. За тоа, како што информираше министерката, засега резервирани се околу 2,5 милиони евра.

Роберт Голоб за антимигрантските пречки подвлече дека се нехумани и оти не служат за она за што се поставени.

Словенија кон Хрватска постави вкупно 135.372 метри панелна ограда и 60.595 метри жилет жица, покажуваат податоците објавени неодамна од словенечкото Министерство за внатрешни работи.

Кон крајот на 2015 година, поради страв од влошување на мигрантската криза, жицата ја постави тогашната словенечка влада, водена од Миро Церар.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.