Словенија не поддржува финансирање на оградите на надворешните граници на ЕУ од европските фондови, изјави денеска словенечкиот премиер Роберт Голоб по пристигнувањето во Брисел, на состанокот на лидерите на земјите-членки на ЕУ, на кој ќе се разговара и за миграцијата.

Ќе бидам многу експлицитен, словенечкото искуство покажува дека оградата не го решава проблемот, изјави Голоб. – Ќе продолжам да го бранам тој став и денеска и нема да поддржиме ниту финансирање за поставување на оградата, ниту оваа политика, изјави Голоб за можноста за финансирање на изградба на огради на надворешните граници на Унијата.

Во ЕУ неодамна беа обновени повиците за финансирање огради на надворешните граници од фондовите на ЕУ, за што неодамна се заложи австрискиот канцелар Карл Нехамер, јавува агенцијата СТА. Европската комисија, од друга страна, не е склона да го стори тоа.

Лидерите на ЕУ денеска на агенда имаат и дискусија за зајакнување на глобалната конкурентност на европската економија, која, според словенечкиот премиер, ќе биде кратка. За тоа подетално ќе се разговара на редовната седница во март, до кога Брисел треба да изнесе конкретни предлози во рамките на т.н. зелен план за европска индустрија.

Словенија верува дека мора да реагираме обединети како Европска Унија, рече Голоб. Според него, потребно е да се одговори на тој начин што одговорот не е во спротивност со мерките на САД, но од друга страна да се земат предвид особеностите на внатрешниот европски пазар.

Нашето клучно гледиште е дека не би барале дополнителни средства, но со флексибилност во трошењето на средствата од програмата за закрепнување и отпорност, дел од овие средства би можеле да пренасочиме кон мерките за зелен развој, рече Голоб.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.