Македонската телеметриската сеизмолошка мрежа на сеизмолошките станици инсталирани ширум Македонија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, рано утринава на 14.03.2024 година во 4 часот и 06 минути регистрираше земјотрес чиј епицентар се наоѓа 247 km северозападно од Скопје, во Република Црна Гора, со Рихтерова локална магнитуда ML5.3.

Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот нема предизвикано значителни материјални штети. На територијата на нашата Република, земјотресот е почувствуван во северните и југозападните делови од Републиката,
– Тетово, Гостивар, Дебар, Кичево, Охрид, Струга и Ресен со интензитет од III-IV степени според Европската макросеизмичка скала,
– Скопје, Куманово и Велес со интензитет од III степени според истата скала, соопштија оттаму.

Земјотрес со јачина од 5,4 степени според Рихтеровата скала ја потресе територијата на Црна Гора, по што следеа низа послаби земјотреси.

Институтот за хидрометеорологија и сеизмологија на Црна Гора соопшти дека епицентарот бил на пет километри од градот Чараѓе во општина Плужине. Eпицентарот беше на длабочина од 14 километри.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.