Шпанската опозициска Народна партија (ПП) обвини дека признавањето на косовските пасоши од страна на Владата во Мадрид би можело да претставува преседан за признавање на евентуални каталонските патни исправи во иднина од страна на некои држави.

Владата на шпанскиот премиер Педро Санчез го промени својот досегашен став и реши да ги признае косовските пасоши по стапувањето во сила на визната либерализација за граѓаните на Косово при патување во ЕУ од 1 јануари 2024 година, но нагласи дека тоа не значи и де факто признавање на независноста и суверенитетот на Косово.

Според ПП, сепак, ваквата владина одлука „воведува преседан врз основа на кој секоја земја би можела да прифати хипотетички каталонски пасоши во иднина“.

Некои шпански медиуми објавија дека одлуката за признавање на косовските пасоши е донесена по „замолница“ на каталонските сепаратистички партии Заедно за Каталонија и Републиканска левица на Каталонија (ЕРЦ), од чија поддршка зависи опстојувањето на малцинската Влада на Санчез.

Меѓутоа, шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Албарес ги отфрли ваквите тврдења, нагласувајќи дека Шпанија не признава „еднострано прогласена независност“ и „не го променила својот став за непризнавање на Косово“.

Албарес додаде и дека иако не го признава Косово како независна и суверена држава, Шпанија сепак го поддржува дијалогот меѓу Белград и Приштина што се води со посредство на ЕУ.

– Шпанија никогаш нема да биде пречка за дијалогот меѓу Белград и Приштина, ниту пак ќе биде пречка во случај на дијалог меѓу Приштина и Европската Унија, истакна Албарес.

Парламентот на шпанскиот регион Каталонија во октомври 2017 година усвои „Декларација за независност“ со која беше прогласена „Каталонска Република“. Декларацијата беше усвоена на тајно гласање со 72 гласа „за“ на пратениците од редовите на сепаратистичките партии, додека претставниците на партиите противници на независноста, меѓу кои и ПП и Социјалистичката работничка партија на Шпанија (ПСОЕ) на Санчез, го бојкотираа гласањето. „Декларацијата“, како што беше наведено, се носи врз основа на резултатите од „Референдумот за независност на Каталонија“ одржан на 1 октомври истата година. Меѓутоа, Уставниот суд Шпанија ги прогласи и „Референдумот“ и „Декларација за независност“ за противуставни и незаконски и ги поништи.

Косово прогласи независност од Србија во февруари 2008 година, одлука која Белград ја смета за еднострана, противуставна и незаконска. Косовската независност ја признаа повеќето земји членки на ЕУ со исклучок на Шпанија, Грција, Кипар, Романија и Словачка



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.