Членовите на семејството на убиените деца во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград поднеле приватна тужба против момчето убиец (14) и неговите родители за нематеријална штета, дознава Блиц.

Според информации на српскиот медиум една тужба поднеле вкупно 27 тужители, членови на семејствата на убиените.

Обвинети се момчето убиец (14), неговата мајка и татко.

„Тужбата е поднесена за надомест на нематеријална штета за претрпената душевна болка поради смрт на блиско лице, како и за претрпениот страв. Исто така, со оваа тужба се бара и паричен ануитет, т.е. исплата на одредена сума пари од денот на пресудата, доколку има услови за тоа – а на име идна нематеријална штета за претрпената душевна болка поради смрт на блиско лице“, вели извор за Блиц.

Веќе е поднесена тужба против мајката на момчето убиец. Ја тужеа четворица членови на семејството на една од жртвите во пукањето во основното училиште „Владислав Рибникар“. Побарале отштета од околу 300.000 евра.

На таткото и мајката на момчето убиец им е привремено забрането да располагаат со недвижен имот и пари. Ова претходно го усвои Вишиот суд во Белград на предлог на семејствата на убиените во основното училиште „Владислав Рибникар“. Сепак, тоа е само привремено решение, чија цел е да се обезбедат средства за исплата на отштета на семејствата на жртвите за смртта на нивните најблиски.

Против мајката на момчето убиец не се води кривична постапка, а како што претходно соопштија од обвинителството, против неа е поведена истрага, оформен е предмет за да се утврди дали сторила кривично дело злоупотреба и запуштање на дете.

На 18 јули момчето-убиец беше сослушан како сведок во кривичната постапка против неговиот татко, кој се товари за тешко кривично дело против општата безбедност. Потоа зборуваше како дошол до оружјето, но и зошто го извршил делото.

Таткото на момчето убиец е обвинет дека го тренирал синот за ракување со оружје, го однел на стрелиште и не го чувал оружјето со кое момчето ги убило своите врсници според прописите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.