Бугарскиот претседател Румен Радев вчера со претседателката на Косово, Вјоса Османи разговараше за европската перспектива на Приштина, за стабилноста во Југоисточна Европа и за можностите за продлабочување на односите меѓу Бугарија и Косово.

Бугарија е меѓу главните двигатели за забрзана европска интеграција на Западен Балкан, нагласи Румен Радев, кој претходно се фалеше дека била негова идејата да поставува услови на патот на Македонија кон Европската Унија.

Вјоса Османи го истакна значајниот придонес на Бугарија во секоја фаза од создавањето на Косово – од признавањето на независноста на најмладата земја во Европа до учеството на бугарската војска во мировната мисија на НАТО (КФОР):

Косово продолжува да се потпира на поддршката на Бугарија во следните чекори до целосното пристапување на нашата земја во Европската унија. Се надеваме дека тоа ќе биде и геостратешки приоритет за Брисел, рече Османи.

Бугарските медиуми јавуаат дека во фокусот на разговорите била и бугарската заедница во Косово.

Бугарската страна тврди дека скоро 15 илјади луѓе имаат бугарска самосвест, а во јануари годинава била поднесена петиција до Парламентот на Косово со барање тие да бидат признати како независна заедница.

Двајцата разговарале за можноста Бугарите во Косово да се признаат како заедница.

Вјоса Османи ги обврзала властите во земјата да ги почитуваат сите стандарди на претстојниот попис на населението во Косово, да го направат процесот транспарентен и да ги гарантираат правата на сите малцинства.

Бидејќи српското малцинство во моментов го бојкотира парламентот во Приштина и не учествува во гласањето на законските измени, тоа го отежнува и донесувањето на нормативни акти поврзани со статусот на малцинствата, рече Вјоса Османи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.